Свечено отворање на Струшките вечери на поезијата во Домот на поезијата во Струга

од admin_kult

Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, вечер (22 август) во 20:30 часот ќе се одржи церемонијата на свеченото отворање на годинашното 63. издание на Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, што традиционално започнува со поетското читање „Меридијани“.

                Во рамките на церемонијата на отворањето, во големата сала на Центарот за култура е предвиден настап на нашиот познат пијанист Дино Имери, како и читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски, а Фестивалот за отворен ќе го прогласи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој ќе има свое обраќање.

                Во рамките на поетското читање „Меридијани“, свои стихови ќе читаат: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург Жан Пјер Симеон; добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевна теоретичарка Катица Ќулавкова; добитничката на наградата „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц; истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамките на едицијата „Плејади“; германската поетеса Ана Хофман; турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу; монголскиот поет Галсансух Дежидмаа, како и многу други странски и домашни поети.

− Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата − информираат од Струшките вечери на поезијата.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе