Фестивалската публика во рамки на 64. издание на „Охридско лето“ вечерва ќе може да ужива во настапот на најпознатиот македонски, рок, поп и џез музичар – неповторливиот гитарист Влатко Стефановски.
Стефановски е основач на „Влатко Стефановски Трио“ и еден од основачите на групата „Леб и сол“ во која беше гитарист, вокалист, композитор и автор на текстови. За време на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ има снимено 12 албуми, една двојна компилација и музика за различни намени – за филмски и театарски претстави, како и за телевизиски серии.
Во текот на својата долга музичка кариера Влатко Стефановски е добитник на повеќе награди, како Естрадната награда на Југославија, Награда (за животно дело) „Трајни вредности во Македонија“, Награда на Стериино позорје за музиката во претставата „Ослободување на Скопје”, Три награди „Златен грамофон“ на фестивалот „Месам ’87“ и повелба на градот Чикаго.
Вечерашниот концерт ќе се одржува на сцената на Античкиот театар со почеток од 21 часот.