Министерот Љутков се сретна со амбасадорот на Турција, Улусој

од admin_kult

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, на која беа споделени искуствата од традиционалната и долга соработка во сите дејности од областа на културата меѓу двете држави.

На средбата стана збор за можностите и перспективите што се отвораат пред македонското Министерство за култура и туризам, со оглед на истата поставеност во Република Турција, која е една од водечките држави за промоција на сопствените вредности, токму преку интеграција на културата со туризмот.

Министерот Љутков посочи дека пријателските односи меѓу двете држави, правната рамка на која се базираат и односите во културата се темелни вредности за доверба и зацврстување на врските во сите сфери од културното живеење. Беа посочени проектите кои се мост за зближување на народите на двете земји, како што се активностите на македонскиот КИЦ во Истанбул и на турските здруженија во Македонија, како и завидната преведувачка активност на литературни изданија на двата јазика.

Беше потенцирана грижата за турската заедница во нашата држава преку  изградбата на Турскиот театар, со што еден од најстарите театарски ансамбли во државава ќе добие објект со најсовремени стандарди. Меѓу проектите што ги зацврстуваат односите меѓу двете култури е и обновата на Спомен-куќата на Ќемал Ататурк во селото Коџаџик.

Министерот Зоран Љутков и амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, се согласија во иднина, преку конкретни заеднички тела, да ги интензивираат веќе започнатите процеси за  унапредување на односите во областа на културата и туризмот меѓу двете држави.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе