Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се сретна со амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри, при што беше потврдена одличната соработка во областа на културата меѓу двете држави.
Министерот Љутков изрази задоволство од активностите што Италијанската амбасада ги спроведува за продлабочување и зацврстување на односите во културата, и го информираше амбасадорот Силвестри за трансформацијата на Министерството, во Министерство за култура и туризам. Во тој контекст беше разговарано за начините на идната соработка и за можностите што во оваа насока се отвораат за меѓусебната поврзаност на државите, искористувајќи ги позитивните искуства на Италија како држава со високо развиен културен туризам.
На средбата стана збор за придобивките што ги има македонската култура со воведените практики за поддршка од страна на Италијанската Република за стручно усовршување на вработени во институциите од нашата држава на Меѓународната школа за културно наследство во Рим.
Министерот Љутков и амбасадорот Силвестри на пријателската средба се осврнаа и на заедничките заложби во борбата против нелегална трговија со културни добра, истакнувајќи ја важноста на актуелниот проект на Регионалното биро на УНЕСКО, „Борба против недозволената трговија со културни добра во Западен Балкан“, финансиран од ЕУ, кој оваа недела се одржува во Скопје. Преку овој проект, во кој се вклучени експерти од Универзитетот во Милано и претставници на карабинерите, се врши обука на стотина македонски претставници од повеќе институции за успешно справување со оваа проблематика.
Потврда за одличните односи меѓу двете држави се многубројните поддржани настапи на македонски уметници во Италија и многубројните италијански активности во земјава, како и континуираното претставување на македонската уметност и архитектура на престижното „Венециско биенале“.
Соработката меѓу двете држави се одвива според Спогодбата за соработка во областа на културата, образованието и науката потпишана на владино ниво во 1998 година. Досега се склучени пет програми за соработка во областа на културата, образованието и науката, а последната е потпишана на 20 октомври 2022 година.