Министерот Љутков и амбасадорот Памер се заложија за продлабочување на културните врски меѓу двете држави и за многу нови проекти и иницијативи кои ќе ја унапредат меѓусебната соработка
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беше споделено задоволството од традиционално добрата соработка во областа на културата меѓу двете држави.
На средбата која протече во срдечна и конструктивна атмосфера, министерот Љутков го информираше амбасадорот Памер за приоритетите на Министерството за култура и туризам во наредниот период истакнувајќи дека ресурсите во културата ќе бидат насочени кон подигање на нивото на функционирање на институциите и создавање квалитетни продукции и програми кои ќе овозможат ефективна промоција и афирмација на македонската култура.
Министерот Љутков истакна дека особен акцент ќе биде ставен на интегрирањето на туризмот во културата, развој на сите видови туризам со акцент на културниот туризам. Во таа смисла тој посочи дека за нашата држава ќе бидат особено полезни искуствата со кои располага Република Австрија во оваа сфера, имајќи го предвид фактот дека во наредниот период Владата има сериозен план за интензивна промоција на своите потенцијали во меѓународен контекст.
На средбата се актуелизираше и прашањето за Програмата за соработка во областа на културата, науката и образованието која во моментот се усогласува и која во наредниот период треба да се потпише со што ќе се даде дополнителен импулс во меѓусебните релации.
Амбасадорот Памер го информираше министерот Љутков за проектите кои австриската амбасада ги реализира во функција на зближување на културите на двете држави, поврзување односно вмрежување на културните работници како и за проектите кои од другите сфери, науката и образованието.
Во духот на одбележувањето на 30 годишнината на воспоставувањето на дипломатските односи, оваа година, како што информираше и Амбасадорот Памер, во октомври ќе се отвори нова австриска библиотека во рамките на УКИМ, а ќе биде реализирана и изложбата на дела од австриската современа уметност од 1945 година до денес.