Шестото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), започнува денес (18 јуни) во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) и ќе трае до 20 јуни.
„Филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти. ‘Златна рамка’ ќе започне традиционално, со свеченото собрание на ДФРМ, по што ќе следува богата тридневна филмска програма“, велат организаторите.
Во рамки на тридневната фестивалска програма ќе бидат доделени награди на актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов – Вац и филмскиот работник Марина Колоска.
Програмата нуди различни долгометражни, краткометражни и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција. Првиот ден на фестивалот со почеток од 18 часот ќе се прикажат документарците „Бисер“ во режија на Драган Кумев и „Последниот каубој на Балканот“ од режисерот Сабедин Али. Додека пак, прикажувањето на долгометражниот филм „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова ќе започне од 20 и 30 часот.