Фестивалот „АКТО 19“ ги продолжува своите активности денеска во Битола со целодневниот музички настан „Градот ме тера да пеам“, со кој се промовираат македонската музичка сцена, млади и талентирани автори и изведувачи, чии квалитет и творештво се јадрото на домашната современа урбана култура.
Во претпладневната програма беше промовирана винил-компилацијата „Поп-култура“, посветена на современата поп-продукција од млади македонски музичари, издание што е реализирано во соработка со платформата „Силата ЕУ младите“ и опфаќа песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена.
Промоцијата ја проследи министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во чии програмски приоритети се младите. За неа, „Градот ме тера да пеам“ е извор на креативност и промотор на македонската уметност и култура.
Министерката за култура го поздрави настанот со кој урбаната култура му оддава почит на Мирко Попов зашто, како што вели организаторот, „Градот ме тера да пеам“ е песна на Попов и „ПМГ Колектив“, име на јубилејното 200. издание на „ПМГ Рекордингс компилација“ и една од многубројните програми на Мирко за промоција на македонската музика, реализирани во соработка со пријателите од Битола и со фестивалот АКТО, како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура.
Вечерната програма од настанот, кој е во рамките на проектот „Јавни простори во движење (кон) II“, започнува од 22 часот, а се состои од концертни настапи на младата генерација музичари и диџеи.