„Ги уверувам сите во културата, не ги убедувам, туку ги уверувам дека во изработката на Решението за мартовската плата беа вклучени сите релевантни фактори што нас не би нѐ довеле во ситуација кој било да сноси кривична одговорност“, одговори министерката за култура во интервјуто на ТВ 21 на прашањето околу наводната одговорност на директорите на установите ако ја потпишат платата изготвена вака.
„Би сакала во оваа прилика да искористам да ги осигурам сите дека ниту еден раководител на културна установа ниту еден раководител на правен сектор ниту еден раководител за сметководствено работење, ниту во установите ниту во Министерството за култура, е донесен пред свршен чин да треба да се плаши за она што го работи.
Платите се изработуваат со зголемување од 12 проценти и со таа висина ќе легнат на сметката на вработените, како што тоа го бараше и Синдикатот на културата“, појасни министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура рече дека се работи за шпекулации кои во последните два дена се шират за евентуална одговорност на директорите, и испрати смирувачка порака во која повтори дека ги уверува културните работници дека се работи законски, по Решение што е изготвено во консултација со неколку релевантни засегнати страни за понатаму тоа да не предизвика никакви правни последици.
Таа објасни дека во Министерството за култура, особено во последните четири-пет години, се работи одговорно со цел никој да не биде доведен во ситуација да стави потпис на нешто што во иднина би го довело во заблуда.
Костадиновска-Стојчевска за ТВ 21, во врска со платите во културата, појасни дека е свесна дека во секторот постојат струи на кои им пречи што дигнитетот на вработените во културата е на достојно ниво и што на овој начин се крена мотивацијата за работа.
„Знам дека тоа им пречи на некои струи затоа што има институции од областа на културата коишто сѐ уште плаќаат пенали и тужби затоа што платите во културата се зголемувале на телефон, затоа што платите во културата се зголемувале преку одлуки на Управен одбор, затоа што одредени систематизации, правилници, одлуки за вработување се регулирале преку Управен одбор. И, сега тие, плашејќи се дека ќе сносат последици, креваат паника за ваквиот начин за правилно и правно работење“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Зборувајќи за покачувањето од 52 проценти на платите во културата од 2019 година наваму, министерката Костадиновска-Стојчевска додаде дека реалноста е таа – Колективниот договор е активен, валиден, се почитува и Општиот колективен договор и сите други колективни договарања и закони што ги регулираат платите и обврските во ресорот.
„Нашата цел е да го вратиме достоинството и во администрацијата, а не само да ги бараме нивните права и обврски и да обезбедиме дека со нив никој не може да манипулира. Затоа и при презентирањето на партиската програма кажав дека културата со СДСМ е слободна и никој повеќе со неа не може да манипулира, а најмалку може да манипулира со вреднување на нивниот труд“, посочи министерката за култура.
На прашањето за актуелностите со реновирањето на Универзалната сала, министерката за култура одговори дека се надева дека рамката од 3 години за финализација на работите е реална.
„Првата фаза е речиси готова, се работи со забрзан тек, се надевам дека и пред истекот на тој рок Универзална сала ќе биде вратена во функција, вратена на Град Скопје, на скопјани и на целата држава“, рече Костадиновска-Стојчевска во интервјуто за ТВ 21.