Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во вечерашното гостување на ТВ Клан на темата за поддршката на мултиетничноста во културата, рече дека одамна нема клуч по кој се одлучува.
„Клуч одамна нема за распределба на проектите по ниту една основа, па ниту по етничка. Последните 7 години тоа веќе не постои, затоа што буџетот во Министерството за култура се дели по две поголеми основи. Едниот е буџет што оди за националните установи, а другиот е буџет што оди за програмата на ’други корисници‘. При оценката на проектите во овие две програми каде што пристигнуваат апликации од сите етнички заедници, пред сѐ, се вреднува квалитетот на проектите што пристигнуваат во Министерството за култура“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека без разлика дали зборуваме за националните установи, за физичките лица или за правните лица што аплицираат, главен критериум е квалитетот, кој го оценуваат стручните комисии со партиципација и активна вклученост на, како што рече, „институционалната меморија“, вработените од Министерството за култура.
Костадиновска-Стојчевска, како социјалдемократ, рече дека владејачката партија не отстапила и никогаш не го напуштила концептот „Едно општество за сите“ .
„Морам да ви признам дека не само како министерка за култура туку и како граѓанин на оваа држава многу ми пречело и сѐ уште ми пречи она што го прави конкретно опозицијата, кога ја дели културата по национален клуч. Соработката меѓу културните работници апсолутно по ниеден основ не е поделена. Ќе издвојам еден пример, од неодамнешното гостување на Битолскиот театар со претстава на Ќенрим Ријани во Тирана, во рамките на иницијативата ’Отворен Балкан‘, кога нашиот ансамбл беше пречекан со најголемиот и најдолг аплауз што дотогаш таму беше чуен“, вели министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска за ТВ Клан додаде дека Министерството за култура еднакво ги поддржува националните ансамбли кои негуваат култура на одредена етничка заедница, спомнувајќи ги „Танец“, Националната установа „Ансамбл на албански ора и песни“, Турскиот театар, Албанскиот театар, Македонскиот народен театар или Театарот за деца на албански јазик. Таа спомна дека се финализираат и правните постапки за конципирање на „Куќата на Есма“ , со што ќе се поддржи ромската култура.
Костадиновска-Стојчевска ги коментираше и обвинувањата на опозицијата, која тврдеше дека Министерството за култура финансира драмски фестивал во Косово, и рече: „Според мене тоа беше допирање на дното од страна на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што се работеше за гостување на 5 театри од Северна Македонија на фестивал во Косово, којшто минатата година се одржа во Тирана, а наредната година ќе бидеме ние домаќини. Тоа беше страшно известување и уште пострашно за мене е тоа што се работи за една матрица што ја гледавме многу долго време, каде што културен работник оди против културен работник. Истите обвинувања беа и за друг фестивал, ’Меридијанс‘, каде што воопшто не беше анализирана програмата за која фестивалот е поддржан годинава во однос на 2011 година, за кога беа правени споредбите. Таа матрица, од којашто ниту оваа година не излезе ВМРО-ДПМНЕ, беше поразителна“, изјави Костадиновска-Стојчевска, аргументирајќи ги резулатите од Годишните конкурси.
Министерката за култура во својата анализа се запраша зошто опозицијата не споменува во колку фестивали нивните членови се вклучени и се поддржани, колку нови вработувања има во матичните куќи што тие ги водат и зошто е тој порив кај нив за злоупотреба на културата.
Во однос на буџетот за културата, Костадиновска-Стојчевска рече дека тој никогаш не е доволен, но истакна дека имаме сѐ побогата културна сцена. Таа рече дека и како министерка има и обврска и желба за зголемување на буџетот во културата и затоа се залага за усвојување на измените во Законот за игри на среќа, предлог со кој, како што рече, во еден дел се повлекуваат околу 120 милиони денари на годишно ниво наменети за заштита на културно наследство, а околу 120 милиони би биле наменети за стипендирање на дефицитарни кадри.
Во гостувањето на ТВ Клан стана збор и за платите во културата, за што Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство дека платите во овој ресор се уредени по еден од најдобрите колективни договори во регионот и дека во изминативе години ги надминаа сите кризи – здравствена, енергетска и економска – и од 2019 година до денес платите во културата се зголемени за над 43 проценти.