По повод Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот – 27 Јануари, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија вечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“.
Изложбата е во организација на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница, со цел да се прикаже единствената позната визуелна документација за пристигнувањето на Евреите во Аушвиц-Биркенау.
Изложбата е раскажана и продуцирана од Секторот за патувачки изложби, Оддел за музеи, Јад Вашем.
На настанот ќе бидат доделени сертификати на учесниците на курсевите за изучување на холокаустот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, реализирани со поддршка од Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија – Њујорк (Claims conference).
Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот е посветен на сеќавање на трагедијата на холокаустот за време на Втората светска војна во кој систематски биле убиени шест милиони Евреи во логорите на смртта, организиран и спроведен од нацистичкиот режим, неговите сојузници и соработници.
Историски овој ден е поврзан и со ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година.