Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот Меѓународен форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ нагласи дека Министерството за култура институционално го поддржува развојот на креативните индустрии, а културата, чии потенцијали се огромни и универзални, сакаме да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.
− Kреативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова“ економија − рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која ѝ се неопходни промени.
− Според многубројни релевантни истражувања, носители на тие промени се токму креативните луѓе. Затоа вложувањето во нив е императив, порака на која мора да се одговори – порача министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Владата и Министерството за култура не само што ја препознаа големата улога на креативните индустрии туку силно и конкретно ги поддржуваат. Таа информираше дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии – како влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија.
Меѓу другото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на културата, како и со новиот Предлог-закон за културата, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведувањето нови културни дејности од областа на креативните индустрии.
На Меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии стана приоритет и на Европската Унија, која своите стратегиски политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво.
Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво, како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата. На Форумот учествуваат домашни и странски учесници (особено од земјите од Југоисточна Европа), професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници.