Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Националната филхармонија ќе ја отвори новата концертна сезона насловена „80 години – Љубов!“. Првиот концерт носи наслов „Будење“ и како солист ќе настапи еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена, Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригент е Бенџамин Шварц од Израел/САД.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
Бела Барток (1881 – 1945) е еден од најпознатите унгарски композитори (наедно пијанист и етномузиколог) и еден од најзначајните композитори на 20 век. Тој е еден од основачите на етномузикологијата, антропологијата и етнографијата во музиката. Балетот во три чина, според Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, една од најубавите и најчитани драми во светската литература, е лирска музичка приказна за трагичната љубов на двајцата главни протагонисти видена од специфичниот агол на препознатливиот музички сензибилитет на рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент.
Бенџамин Шварц, како гостин диригент, настапувал во: Кралската филхармонија на Стокхолм, Филхармонијата на Лос Анџелес, Кралскиот шкотски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Националниот оркестар на Лил и многу други. Работел и оперски продукции во Шведската кралска опера, Операта во Келн, Вајнмар…