По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, под мотото „Гласник на слободата“, Министерството за култура се приклучува во централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации, изложба, концерти на млади уметници и на оперски арии, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција. Под насловот „Отворен ден за граѓаните“, ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети.
Во чест на Денот на независноста, 8 Септември, Музејот на македонската борба за самостојност подготвува посебна мултимедијална програма со слободен влез за сите посетители. Од 10 до 14 часот на повеќе локации во Музејот ќе бидат презентирани „Видеоприказни од музејската архива“, коишто, меѓу другото, вклучуваат музејски стории за седум исклучителни жени од македонската историја, меѓу кои и: Оливера Вера Јоциќ, Роса Плавева и Калипсо Налча; презентации на раритети од музејскитe збирки; автентични снимки од подготовките за Илинденското востание од 1900 година; Спомени од Првата светска војна, како и снимки од референдумот и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Во оваа национална установа, на 8 септември во 12 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје (кој го сочинуваат младите музички уметници: Божана Гошева – прва виолина, Илија Јовчев – втора виолина, Никола Соколовски – кларинет, Александар Ицковски – виолончело) ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други.
Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.
Оперските солисти од Националната опера и балет: Билјана Баевска (сопран), Нико Ѓоргиевски (тенор), Виктор Битовски (тенор), Надежда Рубен (сопран), Билјана Камчева (сопран) и Марија Наумовска (сопран), со пијано-придружба на Елена Сиљаноска, ќе изведат популарни арии од познати оперски дела од: Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин и Бернштајн.
Во Кинотеката на Република Северна Македонија, пак, ќе има проекција на две успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја одбележаа македонската понова продукција, филмови кои имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди.
По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов.
Во документарниот филм за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, настапуваат: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам. Филмот „Медена земја“ се претстави на значајни европски фестивали и освои неколку награди, меѓу кои и наградите за најдобар документарен филм, за кинематографери и наградата „Impact and change“ на „Санденс филм фестивал 2019“; како и наградите за најдобар документарен филм на „DocsBarcelona 2019“, „DocAviv Film Festival 2019“ и „Montclair Film Festival 2019“. Исто така, филмот беше номиниран на 92. церемонија на Оскарите во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.
Во 20 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески. Филмот е во македонско-грчка копродукција и е добитник на десетици награди и признанија во светот. На својата премиера на „Солунскиот филмски фестивал“ во 2017, филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жирито за сценарио на 17. издание на „Медитеранскиот филмски фестивал“ во Брисел. Во главните улоги настапуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски и Аксел Мехмет. Влезот и за двата филма е бесплатен.
Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, кај Школката во Градскиот парк во Скопје, во рамки на програмата од 11 до 14 часот, за својата верна публика ќе ја изведе претставата „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо),
На 8 септември без надомест ќе бидат отворени археолошките локалитети „Стоби“, „Херaклеја“, „Баргала“, Мегалитската опсерваторија „Кокино“, Меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, потоа „Куќата на Робевци“ во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот“ во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.
Низ државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, вратите ќе бидат отворени и во музеите и во заводите во: Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.
Во овие национални установи посетителите ќе имаат можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки кои се наоѓаат во установите и кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони.
Download all attachments as a zip file