Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска, заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, во новоотворената Европска куќа во Велес присуствуваше на отворањето на изложбата „На работ на зборовите“ на галеријата „Акантус“, а под кураторство на Дијана Томиќ-Радевска.
Со отворањето на изложбата, македонските уметници: Оливер Мусовиќ, Славица Јанешлиева, Нехат Беќири, Александра Петрушевска Ристевска, Анета Попова и Стефан Младеновски, преку своите дела, ја споделија со велешани уметничката порака за моќта и поврзаноста на зборот, јазикот и комуникацијата.
Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го отворањето на новиот урбан простор во Велес, рече дека: „Новата, петта по ред Европската куќа, е нов дом за велешани и за сите оние што веруваат во значењето на дијалогот и размената на идеи, за сите кои со гордост ги негуваат својата култура и традиција и кои го споделуваат идеалот на обединета Европа“.
Во новиот урбан простор на Европската куќа во Велес прозвучија и стиховите од великанот на современата македонска поезија, Кочо Рацин, кои ги прочита младата поетеса Марија Грубор, придружувана со настапот на џез-музичарот Филип Букршлиев на гитара.