„Струшките вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали и оваа година ќе се одржи во стандардниот фестивалски термин од 24 до 28 август, во своето автентично издание и на веќе препознатливите локации, со свечено отворање на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Годинешното фестивалско издание, ќе се одржува под мотото „Чувстотворен јазик“, со намера да се потенцира оној аспект на поезијата и на поетскиот јазик, како јазик творен односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства.
– Сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови, да ја збогатува и да ја менува нашата престава за светот, па во таа смисла таа е и чудотворен јазик. Таквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција кои што генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Оттаму во програмата на СВП оваа година е предвидена и тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“, рече на денешната прес-конференција, директорот на НУ „Струшки вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.
На СВП 2023 поетски читања ќе имаат повеќе од 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.
Во рамки на јубилејот на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, на програмата на Фестивалот се предвидени изложба на фотографии од учеството на Шопов на СВП и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот, промоција на неколку преведени изданија на Шопов на неколку јазици, како и свечен настан по повод јубилејот, кој ќе се одржи во Св. Софија на 26 јуни пред портретот на лауреатот на годинешното издание.
Во рамки на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешниот добитник е ирскиот поет Гевин Бредли, кој живее и работи во Канада) како и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август.
Дел од Фестивалот ќе биде и специјалниот настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија, во кој СВП се дел 2014 година.
Од изданијата на струшките вечери, освен „Монографијата“ за добитникот на Златен Венец, „Зборникот“ на Фестивалот кој оваа година ќе биде во проширено издание, а ќе има и електронско издание, тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата Браќа Миладиновци, изданието на добитникот на наградата Мостови, во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и филозоф Иван Џепароски. Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуелизира книжевно – теорискиот пристап на еко поезијата и еко критиката, рече Тасевски.
По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи во соработка со Унгарската амбасада, на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на тој славен унгарски поет.
Презентирајќи делови од програмата, Тасевски ги издвои и поетскиот портрет што годинава е посветен на Владо Урошевиќ, што на 26 август според традицијата ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
На прес-конференцијата беше презентирана редизајнираната и оптимизирана Интернет-страница на Фестивалот, која без надомест ја изработи Семјуел Кенеди, од компанијата „Кенеди технолоџис“.