– Стратегијата и новиот Предлог-закон за употребата на македонскиот јазик не се за Советот за македонски јазик, за Министерката за култура или за Владата, туку се за сите и сите треба да бидеме обединети за идеи, иницијативи што треба да ги промовираме и да се придржуваме кон нив – рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето на Објектив на МРТ1.
– Еве, конкретно, ние како Министерство за култура, во соработка со Фестивалот „Војдан Чернодрински“, распишавме Конкурс за откуп на необјавен македонски текст, македонска драма. Тоа ќе го направивме оваа година и ќе го правиме секоја година до 60. јубилеј на тој фестивал, којшто ќе биде исклучиво со репертоар на македонски драми од македонски автори. Тоа значи младите штотуку дипломирани студенти да имаат можност да се вработат и да имаат право да конкурираат, да се унапредат итн. бидејќи сметам дека навистина на многу начини можеме да придонесеме за афирмација на македонскиот јазик. Тоа да го започнеме со активности од претшколска возраст, а ќе го направиме со зголемување на фондот на часови, со задолжителен македонски јазик на сите насоки – додаде таа.
Според министерката, мора да поработиме на зголемување и подигнување на свеста, да си го сакаме и да си го негуваме јазикот, бидејќи само така ќе опстоиме и како држава и како народ. Тоа треба да ни е главната преокупација кон негување на македонскиот стандарден јазик.
– Морам да кажам дека ми е особено драго дека соработката со Советот за македонски јазик, со Институтот за македонски јазик, со Институтот за македонска литература и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура е секогаш на завидно ниво и секогаш сме ги поддржувале нивните активности, а тоа ќе продолжи и понатаму. Ако од некаде треба да тргне таа поддршка, сметам дека Министерството за култура и Министерството за образование се првите две почетни скалила коишто треба да поддржат, да промовираат, да поттикнат такви активности, а понатаму секогаш најважен чинител е ентузијазмот на сите во оваа фела, бидејќи ни е потребна нова литература и осовременување на речниците – појасни Костадиновска-Стојчевска.
Таа е убедена дека процедурата за Законот за употребата на македонскиот јазик во Собранието ќе помине во нормален рок.
– Ова не е закон на поединци, ова е закон за обединување и треба да е ослободен и од политичка и од каква било друга конотација, бидејќи овој закон е за сите нас. Посебна благодарност за придонесот на сите членови на Советот за македонски јазик за високото ниво на професионалност при изработката на овој закон и ми претставува особена чест што бев дел од тој процес. Се надевам дека од таа почетна точка се поставија стандардите за тоа како треба да тече изработката на едно вакво навистина важно законско решение – рече министерката.