Гитаристот Мухамед Ибрахими вечер ќе одржи концерт во малата сала на Филхармонијата. Гости на концертот ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Ѓоко Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.
– На концертот во Филхармонијата публиката ќе може да слушне композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции што ќе бидат првпат интерпретирани концертно. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот којшто ќе го пренесеме преку нашите инструменти – изјави Ибрахими. Мухамед Ибрахими се памети како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработка со различни уметници.
Има издадено два албума: „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.
– Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава нѐ очекуваат одлична соработка и уште подобри концерти – соопштија од „Баги комуникации“.