Oркестарот на Филхармонијата денеска ќе го одржи концертот „Лезет“ на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов.
На програмата се: „Психофонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски, со чија изведба ќе се одбележат и 80 години од раѓањето на авторот, концертот за виолина и оркестар во Де-дур, опус 35, од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.
Александар Иванов е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“ во категоријата Млад музички уметник за 2015 година, а е добитник и на други значајни меѓународни награди. Во моментов тој е студент на „Juilliard School“ во Њујорк, САД, во класата на професор Лори Смаклер.
Галериска поставка посветена на ликовниот опус на Стојан Апчевски
Свечено отворање на ликовната поставка посветена на ликовниот уметник Стојан Апчевски, едно од големите имиња на битолската и македонската ликовна сцена, е закажано за денеска (четврток, 26 јануари) во 19 часот во Офицерскиот дом – Културен и информативен центар во Битола.
Со оваа изложба започнува новата ликовна сезона на КИЦ – Битола, која, како како што најавуваат од Центарот, ќе биде обемна и респектабилна.