Со летен креативен камп во Богданци почна четвртиот Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Летниот креативен камп е најава за годинашниот патувачки карактер на „Литера“, како и за идејата за децентрализација на фестивалските настани низ повеќе градови и населени места во земјава.
Летниот камп се одржува во просториите на Графичката работилница во Богданци и на него учествуваат деца од 7 до 14 години. Тие преку интерактивни предавања ќе се запознаат со основоположниците на македонската современа уметност, со различни ликовни техники, а работат и на креирање сликовница од идеја, преку текст, илустрација до печатење и конечна реализација. Кампот ќе заврши со групна изложба на сите сработени дела.
Учесниците на кампот работат и со уметниците Доротеј Нешовски и Ана Димчевска Софија Семенпеева-Трајановска, како и со авторката Магде Ангова.
Патувачкиот карван на „Литера“ годинава ќе ги посети и Валандово, Гевгелија, како и неколку села во Преспанскиот Регион. Предвидена е и изложба на дела на современи македонски илустратори на Фестивалот за детска литература и илустрација „Овца во кутија“ во Пазин, Хрватска, а четворица актуелни автори ќе се претстават во срцето на Истра на групна изложба од 12 до 18 септември.
Главен покровител на годинашното издание на фестивалот е Халкбанк АД Скопје, а четвртото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ е поддржано и од Министерството за култура.