Губењето на сигурноста, губењето на сопственото засолниште во друштвено-политички околности, е темата на новата претстава „Моето име е Горан Стефановски“, во режија на Бранислав Миќуновиќ, чија премиерна изведба ќе се одржи утре (31 март) во Драмскиот театар во Скопје, по што на 1 и 2 април се предвидени уште две изведби.
Претставата го поставува прашањето за релевантноста и актуелноста на современата човекова дилема во свет во кој „сѐ е на продажба и во време во кое интересите и моќта се поважни општествени категории од поединечното право на слобода и сигурност“.
Драматург во претставата е Бранислава Илиќ, сценографијата ја изработи Александар Дениќ, а костимите Роза Трајческа-Ристовска. Се употребува авторска музика од Влатко Стефановски, а музички соработник е Давор Јордановски. Улогите ги толкуваат: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.