Културните врски помеѓу Република Северна Македонија и Република Франција се на завидно ново, со желба и кај двете страни за нивно интензивирање, се согласија на денешната средба министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и францускиот амбасадор во нашата земја, Сирил Бомгартнер.
На почетокот на средбата, францускиот амбасадор Бомгартнер упати честитка до Костадиновска-Стојчевска за нејзиното назначување за министерка за култура и посочи дека раководењето со овој сектор претставува мисија од суштинско значење за целокупното општество.
Амбасадорот Бомгартнер информираше за конкретни и веќе започнати проекти на Француската амбасада, од кои особено се издвојува обуката за експерти во областа на заштитата на културното наследство и конзервацијата.
Бомгартнер ги претстави активностите кои ќе се реализираат во март, во рамките на одбележувањето на „Месецот на франкофонијата“, а ги сподели и проектите на Францускиот институт и Француската алијанса во Битола и Тетово.
Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што и Република Северна Македонија е претставена на големата архивска изложба во Меѓународниот град на уметностите во Париз, Франција. Таа додаде дека оваа година, четворица македонски ликовни уметници, со поддршка на Министерството за култура, ќе реализираат студиски престој во македонското атеље при Меѓународниот град на уметностите, што е драгоцена можност за афирмација на репродуктивни уметници и нивна промоција во меѓународни рамки.
Соговорниците на крајот од средбата се согласија дека добрата соработка ќе продолжи и во иднина, со заложби на двете страни за подинамично претставување на македонските културни вредности во Франција, како и презентација на француската култура и француските уметници пред нашата јавност.