– Јазикот и културата се столбовите на идентитетот на еден народ и на едно општество. Обврската да го зачуваме и да го негуваме нашиот јазик не е само долг кон нашите предци и нашите потомци, тоа е обврска на сите што го љубат, го почитуваат и го негуваат македонскиот јазик – рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска за време на посетата на тријазичното основно училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Општина Чаир, а по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Таа додаде дека ова училиште е одличен пример за почитување на правата на националностите бидејќи, освен на македонски јазик, наставата се изведува и на албански и на турски јазик.
– Во имплементирањето на интегрираното образование главна алка се заедничките активности преку кои децата сѐ повеќе се запознаваат, ја запознаваат својата меѓусебна култура, својот јазик, а знаеме дека познавањето на секој јазик претставува непроценливо богатство – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
На настанот по повод одбележувањето на Денот на мајчиниот јазик, на кој присуствуваа и државниот секретар во Министерството за образование и наука, Анета Трпевска, и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, беа изложени цртежи на тема „Спој на културата и јазикот низ призмата на учениците“, а учениците читаа песни од познати автори на нивниот мајчин јазик.