Резултати од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година

од admin_kult

Во согласност со  член 65 став 4 од Законот за културата („Службен весник на РМ“ бр.  31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18),  Министерството за култура на Република Северна Македонија денеска, среда (16.2.2022 год.), на својата веб-страница (www.kultura.gov.mk) ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година.

Оваа година Конкурсот за првпат беше реализиран преку електронска апликација. Поради предизвиците што се јавија кај голем дел од апликантите, а со цел да им се излезе во пресрет на корисниците и да се добијат што поквалитетни пријави, рокот за аплицирање беше двапати продолжен. Фактот што овозможивме дополнителен рок за пријавување, подразбираше дека резултатите ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до средината на февруари.

Со електронската апликација направивме огромен исчекор во градењето на системот. Пред распишувањето на Годишните конкурси беа одржани обуки за корисниците во центрите за култура низ државава и во Скопје. Од почетокот на Конкурсите, за техничка поддршка беа отворени двe телефонски линии на кои корисниците ги добиваа потребните информации, а консултации се вршea и преку електронската пошта, по одделни дејности.

Во системот се евидентирани 3 769 валидни пријави кои автоматски добија архивски броеви. Пријавите се поднесени од физички лица, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица регистрирани во Република Северна Македонија за вршење дејности од областа на културата.

Министерството за култура во 2022 година поддржа проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, со распределба на буџетските средства во услови на пандемија и на економска криза, без да се наруши принципот на приоритет на квалитетот, а не на квантитетот. Во вакви услови, дадена е предност на домашната „жива култура“. Особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста, а еднакво се водеше сметка за правичната застапеност по етничка основа и за родовата рамноправност.

Критериумите, приоритетите и мерилата врз чија основа се вршеше оцена на проектите по одделни дејности беа содржани во Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Вреднувањето на проектите и на програмите беше извршено од страна на комисии составени од стручни и компетентни лица во конкретната област, со почитување на принципите на соодветна и правична застапеност и непостоењето на судир на интереси.

Претседатели на комисиите што ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска;  за драмска дејност – Синоличка Трпкова; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Јашар Сејдиу; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Енвер Абдулахи;  за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Валентино Димитровски; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

Објавените резултати од конкурсите содржат информации за: носителот на проектот, наслов на проектот и одобрените средства за реализација на проектот.

Министерството за култура на Република Северна Македонија ги објавува и резултатите за поддржаните проекти на Повикот за националните установи од областа на културата, кој беше објавен во јуни 2021 година.

За проектите што се избрани и за проектите што се одбиени на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година по дејности и области се донесуваат решенија.

Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, против решението може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето.

За проектите што ќе бидат содржани во годишните програми за работа на националните установи, министерот за култура донесе решенија.

Проектите избрани на Годишните конкурси за 2022 година треба да се реализираат до крајот на тековната година.                                                  

БИБЛИОТЕЧНА  ДЕЈНОСТ

ДРАМСКА ДЕЈНОСТ

ВИЗУЕЛНИ УМЕТНОСТИ, АРХИТЕКТУРА И ДИЗАЈН

ЗАШТИТА НА НЕДВИЖНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО И АУДИОВИЗУЕЛНИ ДОБРА

ИНТЕРДИСЦИПЛИНАРНИ ПРОЕКТИ

ЛИТЕРАТУРА И ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ

МЕЃУНАРОДНА ДЕЈНОСТ

МУЗЕЈСКА ДЕЈНОСТ

МУЗИЧКА И МУЗИЧКО-СЦЕНСКА ДЕЈНОСТ

ФОЛКЛОРНА ДЕЈНОСТ

ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИИ

ИНВЕСТИЦИИ

Забелешка: Резултатите од Годишните конкурси за други корисници не се лекторирани бидејќи податоците се интегрално преземени од електронските апликации.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе