Со врачување на наградите „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија на македонската поетеса Лидија Димковска за книгата „Гранична состојба“ и „Мостови на Струга” за најдобра дебитантска збирка на млад автор, на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз, Тексас“, синоќа на летната тераса во хотелот „Дрим“, заврши 60. јубилејно издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата, што од 26 август се одржуваше во Струга.
Наградата „Браќа Миладиновци“ ја врачи директорот на Фестивалот Тодорче Тасевски, а „Мостови на Струга“ претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева.
Лауреатот на најпрестижната фестивалска награда Златен венец, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата со Ковид – 19, не присуствуваше во Струга и врачувањето на наградата е одложено за идната година, за кога таа најави физичко присуство.
Директорот на фестивалот Тасевски јублејното издание на најстарата поетска манифестација го оцени како успешно, земајќи го предвид фактот дека се одржуваше во услови на пандемија.
– Во услови на пандемија организиравме пристојно издание со физичко присуство на 15-тина поети и уште толку имаа поетски читања преку видео врски. Се надеваме дека ова е последно издание во пандемија и наредната година ќе организираме уште поуспешен фестивал без ограничувања, изјави Тасевски за МИА.
Покрај традиционалните поетски читања на манифестацијата имаше меморијално чествување за Богомил Ѓузел, а промовирани беа монографско издание за Блаже Конески и „Македонско поетско соѕвездие“ во чест на Георги Старделов.
Поетските читања „Мостови“ и врачувањето на наградите, традиционално се одржуваа на Мостот на поезијата, но поради пандемијата со коронавирусот и запазување на протоколите за заштита, годинава се одржа на отворената тераса на хотел „Дрим“.