Со традиционалното палење на поетскиот оган, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор, синоќа во Струга почна 60-тото, јубилејно издание на „Струшките вечери на поезијата“.
На свеченоста се обрати и министерката за култура, Ирена Стефоска, која ги поздрави присутните со говор напишан во акростих од песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов.
– Тивката Струга по 60-ти пат ги рашири своите прегратки за поетите од целиот свет.
Гостољубива е нашата Струга. Во неа добредојдени сме сите.
А дури и Дрим денеска ги стивна своите води за да ги слушнеме стиховите,
За да се напоиме со збор во ова време без зборови.
А тука беа и Блаже Конески, и Десанка Максимовиќ, и Вознесенски, и Оден, и Диздар, и Гинсберг, и Гилвик, и Падрон, и Хјуз, и ….. заминаа, останаа нивните зборови и празни страници за уште поети.
Јагулата тргнува на своето свадбено патување минувајќи среде овој град.
Утеха од најдолгиот пат ѝ е нејзината рожба. Ќе се врати таа како што се враќа и поетот во
Градот на Миладиновци. Секоја година, во исто време.
Ова обраќање како акростих вам ви го посветувам, почитувани поети. Нека се множат вашите стихови! Нека се множат годините на Струшките вечери на поезијата! –рече министерката Стефоска.
Присутните ги поздрави и Јован Стрезовски – поет, раскажувач и романописец и долгогодишен директор на оваа реномирана поетска манифестација, кој во своето излагање се осврна на историјата на фестивалот, на неговото создавање, тек и растеж.
– Нашиот голем Блаже Конески, кому оваа година му ја чествуваме 100-годишнината од раѓањето, кога во 1981 година беше прогласен за добитник на „Златниот венец“ и кога требеше да објавиме избор од неговата поезија, ни испрати најкраток, строго направен избор. Кога му јавивме дека книгата ќе биде мала и ќе се изгуби на полиците меѓу дебелите книги на другите добитници, ни рече дека „за поезијата не е важно колку е голема книгата, туку – да биде добра“ – рече Стрезовски.
На свеченоста, специјално видеообраќање имаше и годинешниот лауреат, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание, во 2022 година.
Пред официјалното отворање, беше претставена изложбата која беше пресек на 60-годишната традиција на овој врвен фестивал, а се одржа и меѓународното поетско читање „Поетски меридијани”, на кое сегменти од своето творештво претставија поетите кои се гости на ова издание.
„Струшките вечери на поезијата“, кои ќе траат до 30 август, годинава се одржуваат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.