Министерството за култура на 8 и 9 јуни организираше промотивни настани на тема „Креативна Европа Дома“ посветени на искуствата во спроведувањето на програмата Креативна Европа – Култура на Европската Унија, како и на нејзината рефлексија на национално и на регионално ниво.
Настаните беа организирани од страна на Канцеларијата за Креативна Европа – потпрограма Култура во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Канцеларијата на Креативна Европа – Култура на Република Србија, корисниците на потпрограмата Култура во периодот од 2014 до 2020 година и други партнери.
На 15 јуни, со почеток во 10:30 часот, во ЈУ Младински културен центар (МКЦ) ќе се одржи тркалезна маса на тема „Креативна Европа – Перспективи на Западен Балкан“, на која ќе учествуваат министерката за култура, Ирена Стефоска, и амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, заедно со организациите поддржани од пилот-акцијата на програмата Креативна Европа – Култура посветена на културната соработка со земјите од Западен Балкан.
На настаните што се одржаа учествуваа претставници на голем број организации, меѓу кои и од: Канцеларијата на Креативна Европа – Култура, Министерството за култура на Република Србија, Домот на културата Студентски град од Белград, а во дебатите учествуваа и претставници на домашните организации и институции: Здружение на граѓани – Контрапункт, Проектен простор „Прес ту егзит“, Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста, Младински културен центар, Пасворд продукција, Асоцијација за урбан и културен развој – МЕЛЕМ, Здружение за промоција на женската активност „ТИИИТ!ИНК“, Асоцијација за одржлив развој „Сфера интернатионал“ – Битола. На темата книжевни преводи и Европска поетска платформа – предизвици и рефлексија, краток осврт на поддржаните проекти дадоа и претставници на издавачките куќи: „ИЛИ-ИЛИ“, „Три“, „Арс Ламина“, „Сказнувалка“, „Бегемот“, „Бата Пресс“, „Антолог“, како и од Националната установа „Струшки вечери на поезијата“.