Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово денеска (10 јуни) во 19 часот ќе биде претставено најновото издание на традиционалната ликовна манифестација „Самоуки 2021“.
Од Центарот за култура – Куманово информираат дека на отворениот конкурс, кој беше објавен во мај, се пријавиле дваесетина автори со повеќе свои творби, но стручната комисија при Центарот селектирала 18 автори што ќе бидат претставени со четириесетина дела – слики, цртежи и скулптури. Оттаму додаваат дека иницијативата за организирано претставување на неакадемски ликовни автори се јавила при крајот на деведесеттите години, а во Центарот прва изложба од овој вид е реализирана уште во далечната 1991 година.
„Интересот за учество на оваа изложба е голем бидејќи претставува можност за презентирање на неакадемските уметници пред пошироката публика којашто редовно е присутна на оваа манифестација во изложбениот салон, бидејќи се работи за творештво продуцирано од граѓаните на општината“, наведуваат од Центарот за култура – Куманово. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до 24 јуни.