На платото пред МКЦ Скопје денеска (7 јуни), од 20:00 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска, издание на ПНВ Публикации. Промоторка на изданието е Соња Стојменска-Елзесер, а модераторка Јулијана Величковска.
Книгата „Две минути и четириесет реда“ содржи осврти, критики и рецензии пишувани во еден долг временски период од петнаесетина години. Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“ – се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и во магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.
Александра Јуруковска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје каде што во 2012 година магистрирала со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите. Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија. Во моментов е уредник на Редакцијата за култура на Алфа ТВ.