„Пресветол Оче,
Ништо повеќе не би можеле да посакаме отколку на овој свечен ден, Денот на светите Кирил и Методиј, да сме присутни во Ватикан и за тоа Ви благодариме од името на сите граѓани на Македонија“.
Со овие зборови министерката за култура, Ирена Стефоска, му се обрати на поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост папата Франциск, на денешната аудиенција во чест на сесловенските просветители, св. Кирил и Методиј. Министерката Стефоска е дел од државно-црковната делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, која денеска и утре престојува во Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“.
Делегацијата положи цвеќе на гробот на свети Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим, црква во која Кирил се замонашил непосредно пред да почине.
Претседателите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, со државно-црковната делегација, денеска ја посетија и базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим каде што заеднички го чествуваа Св. Кирил и Методиј. Претседателите Пендаровски и Радев се поклонија пред спомен-плочата во чест на светите Кирил и Методиј и оддадоа почит кон нивното дело.
Во оваа црква во 867 година тогашниот папа Адријан ги прогласил старословенските литургиски списи за свети и била отслужена првата литургија на црковнословенски јазик во Рим, а Методиј е ракоположен за епископ во Моравија и Панонија.
Двајцата претседатели, по завршувањето на церемонијата, изјавија дека заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј во Рим придонесува за зацврстување на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа.
Во состав на државно-црковната делегација, што ја предводи претседателот Пендаровски, покрај министерката за култура Ирена Стефоска, се и министерот за надворешни работи Бујар Османи, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, Неговото Високопреосвештенство, митрополит европски, г. Пимен, и отец Зоран Стојанов, парох во Радово и декан на Деканатот „Св. Кирил и Методиј“ при Струмичко-скопската епархија.