Во изминатите три дена, во работна посета на Република Северна Македонија, присуствуваа Флора Карагиани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерзани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици од Република Грција.
За време на посетата експертите од Р.Грција со директорот на НУ „Завод и музеј“ – Прилеп, Благој Атанасовски го посетија манастирот Трескавец.
Нивната работна посета продолжи во Преспа каде со директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола, Мери Стојанова и надлежните конзерватори, ги посетија црквата „Св. Илија“ во с. Грнчари и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.
Во Курбиново се дискутираше за досега преземените зафати во доменот на конзервацијата на архитектурата на цркавата и за активностите кои следат, како и за проектот кој претстои – конзервација на ѕидното сликарство.
За време на посетата, експертите од Грција го изразија својот позитивен впечаток за стручниот пристап во реализацијата на досегашните активности.
Работната посета продолжи со посетета на археолошкиот локалитете Хераклеја Линкестис, каде Мери Стојанова имаше можност да продискутира за значењето на локалитетот, но и за активностите кои се преземаат во рамките на проектот за инфраструктурно унапредување на Хераклеја, во програмата за прекугранична соработка со Р. Албанија, SMART-CUL-TOUR, како и проектот за конзервација на архитектурата и мозаиците во Хераклеја.
Работната посета продолжи со посета на Охрид, каде гостите имаа можност да се запознаат со историјата и актуелните програмски активности во Галеријата на икони, „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Софија“.
Посетата на Флора Карагиани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерзани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици од Република Грција започна пред три дена во Скопје со посета на Археолошкиот музеј и средба со министерката за култура, Ирена Стефоска.
На средбата, меѓу другото, беше иницирано и потпишување меморандум за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и беше изразена подготвеност за конкретна соработка помеѓу двете пријателски земји со особен фокус на конзервација и реставрација на византиското наследство, обука на стручни кадри за заштита, како и академска соработка и изработка на трудови. На средбата беше договорено дека соработката ќе се формализира оваа пролет, а некои од заедничките проекти ќе може да почнат веќе оваа година.