Националната установа Центар за култура ‒ Битола наскоро ќе добие нов лик. Со поддршка од Министерството за култура, најпрвин започна замената на старата дотраена дрвенарија, како и на вратите и на друга инсталација.
Во согласност со проектната документација на објектот што се наоѓа во централното градско подрачје, ќе бидат заменети вратите на главниот влез, двојните влезни врати кои водат кон големата сала на Центарот за култура и безбедносниот систем за заштита од пожар.
Во меѓувреме, оваа институција од сопствени средства набави нова миксета за светло, направи нова билетарница, изврши санација на системот за парно греење, постави нов под, а со донацијата од „Еуроимаж” набави и 450 нови 3Д-очила Долби.