Националната опера и балет ја продолжува традицијата востановена пред повеќе од 25 години и во вторник и среда (12 и 13 јануари) со почеток во 20 часот, ќе го одржи гала концертот по повод празникот Василица.
Оваа година концертот носи наслов „Најголемите хитови“, односно, направен е избор од најдобрите хитови од досегашните василичарски концерти, со симфониски аранжмани.
Публиката ќе има можност да ужива во популарните светски и македонски хитови во изведба на оперски и поп солисти, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата на ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Задолжително е носење на заштитна маска.