Прес-конференција на министерката за култура Стефоска по повод Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата

од admin_kult

 

Министерката  за култура Ирена Стефоска денеска на платформата  „Zoom“ одржа прес-конференција по повод Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2021 година, кои беа распишани денеска во средствата за јавно информирање и на веб- страницата на Министерството за култура.

Министерката Стефоска истакна дека со овие конкурси се поддржуваат проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата на Република Северна Македонија. Таа посочи дека годинава Годишните конкурси се распишуваат во време на светска пандемија, што секако се одразува и на условите на конкурсите и на начинот како ќе се организират и реализираат идните проекти.

„Годишните конкурси на Министерството за култура се основна финансиска поддршка за најголем дел од здруженијата, операторите, поединците во сите дејности и области од културата. Токму затоа, јас и мојот тим пристапивме со особено внимание, одговорност и компетентност за да се поддржат проекти со далекусежни уметнички вредности и влијание. Напорите што ги вложивме се во насока, средствата од Буџетот на РСМ, предвидени за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година, да ги добијат оние на кои им е најпотребно во услови на светска пандемија и чии што проекти ги задоволуваат приоритетите и условите на Конкурсите“, рече Стефоска.

Министерката за култура ги претстави новините во годинашните конкурси каде оваа година се конкретизирани и јасно прецизирани приоритетите во соодветните дејности и области. Стефоска истакна дека приоритет на Министерството за култура годинава е поддршката на проекти од младите и за младите, како и заштитата на културното наследство.

„Наша цел е да ги откриеме младите таленти во сите области на културата и да им помогнеме да го развијат својот креативен потенцијал“, рече таа и појасни дека втор врвен приоритет на Министерството за култура, е заштитата на културното наследство, за кое што освен националните установи се грижат и локалните.

Истакна дека целта е подигање на свеста за неговото значење за сите нас, поддршка на локалните установи заради унапредување на капацитетите, стандардите и пристапноста во заштитата на културното наследство на локално ниво.

„Важно е да истакнам, дека во секоја област од конкурсот, апликантите  во нивните проекти треба да посветат внимание и на еднаквата родова застапеност, на инклузијата на лицата со попреченост, и на интеркултурниот дијалог. Со еден збор, Култура сега! – создаваме културна сцена која ги вклучува сите и допира до сите“, нагласи министерката за култура Стефоска.

На прес-конференцијата беше потенцирано дека годинава се воведува евалуациска матрица која е различна во секоја пријава, и истата е усогласена со спецификите на секоја дејност. Беше нагласено дека јасно утврдените приоритети, евалуациската матрица, како и општите услови на Конкурсот се основните столбови кои што ќе им помогнат како на апликантите така и на евалуаторите т.е. на членовите на стручните комисии.

Стефоска напомена дека овие две суштински измени во конкурсите се направени следејќи ги и забелешките од Државниот завод за ревизија од 2017 година, од Државната комисија за спречување на корупција во врска со потребата од јасни критериуми за определување на висината на средствата на поддржаните проекти.

„Од голема помош ни беа и препораките на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика на ЕУ, во кои се укажува дека Министерството за култура треба да работи на зајакнување на своите капацитети со цел да се отстрани потенцијалниот ризик за корупција во културата“, истакна Стефоска. Таа изрази надеж дека овој последен конкурс, објавен пред донесување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, во кој се менува и моделот на финансирање во културата, оди во прилог на она што сите заедно го осмислуваме и сакаме да го спроведеме, а тоа е програма за поддршка без пристрасност, без партиска, идеолошка или каква било друга негативна селекција. На крај, Стефоска посочи дека во годинашните конкурси, Министерството за култура препорачува учесниците да претпочитаат проекти кои може да се реализираат онлајн, доколку тоа го дозволува планираната активност, и секако проектите да се планираат и  реализираат во согласност со донесените Протоколи за КОВИД-19.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе