Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, денеска во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „75 за 75“. Автор на проектот е м-р Каролина Мицевска, а на изложбата ќе бидат изложени 75 фотографии на канвас со претстави што оставиле белег во децениското постоење на Театарот „Војдан Чернодрински“.
Tеатарот „Војдан Чернодрински“ е една од институциите со најдолга традиција во Прилеп, има богата архива од текстови и фотографии од претставите одиграни на сцената низ годините. Фотографиите од претставите се уметност, преку кои Театарот, низ времето, ја пренесувал, односно ја раскажувал приказната што се изведувала на сцената. Тие се редовен сопатник на секоја претстава. Илјадници фотографии се дел од архивата на Театарот „Војдан Чернодрински“, која се дигитализира и ќе биде достапна за јавноста.