Mакедонскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово, кој долги години со гордост ја носи титулата „амбасадор на македонското хорско пеење“, ќе одржи концерт на 11 април во 19:00 часот во македонскиот Културно-информативен центар во Белград. Хорот „Менада“, предводен од маестро Ивица Зориќ, ќе се претстави со 50-минутна музичка програма, која во најголем дел ќе содржи духовна музика, а ќе бидат исполнети и неколку македонски евергрин композиции.

Истата вечер ќе биде отворена и групната изложба со наслов „Два конца парај“, на која со свои дела ќе се претстават 24 уметници, кои се своевиден мост на поврзување и пријателство меѓу македонската и српската ликовна уметност и култура. КИЦ Белград и соработниците: Друштвото на ликовни уметници „Македонци во Србија“, Галеријата „M“ и Фондацијата „Нушиќ“, избраа 50 дела од сите генерации уметници, кои најголем дел од својот животен век твореле во Белград и во Србија.
Ова се првите настани што се организираат во КИЦ Белград, кој е сместен на улица „Македонска“ бр. 30, а официјалното отворање се планира за мај.