Уметницата Марија Павловска е награденa со меѓународната награда „Леонардо да Винчи, Злато/Специјално издание за 2024 година“ што ја доделува италијанската фондација „Ефето арте“ (Effetto Arte Fondazione).
Како што информира Павловска, станува збор за меѓународно признание за делото кое влијае на глобалната уметничка сцена.
„Наградата е признание за оние што го издигнуваат нашето постоење на повисоко ниво со убавината или инспирацијата на нивниот креативен талент. Се доделува на реномиран уметник, скулптор, креативен или визионер, чија работа претставува значаен придонес за уметничкото наследство на светот“, вели Павловска.
Квалификациското жири што ја доделува наградата е составено од членовите на фондацијата „Ефето арте“: претседателот Сандро Серадифико и кураторите Франческо Северио Русо (историчар на уметноста) и Салваторе Русо (експерт за глобалната уметничка сцена).
Доделувањето на меѓународната награда за уметност „Леонардо да Винчи, Злато/Специјално издание“ се одржа во Националниот музеј за наука и технологија „Леонардо да Винчи“ во Милано на 13 април годинава. Наградата се состои од комеморативна статуа, трофеј и каталог книга со делата на уметникот.