Под мотото „Со нови искуства“, од денеска па се до 8 август во амфитеатарот во Струмица ќе се одржи 18. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
Според организаторите во годишната програмска селекција има 23 кратки играни филмови, документарци и анимации, кои се избрани од над 600 филмови. Филмските остварувања ќе се натпреваруваат за златна, сребрена и бронзена „Потковица“ и за неколку други награди.
Официјалното стручно жири на фестивалот , кој годинава е во знакот на новите тенденции во краткометражниот, документарниот и авторскиот филм го сочинуваат: Гоце Ристовски, Дрита М. Фазлија и Мили Чумиќ.
Годинашен добитник на наградата „Астер“ за животно дело е легендарната Каталин Ладик, филмска и театарска актерка и писателка, една од истакнатите, плодните и наградувани претставнички на алтернативната изведувачка уметност во поранешна Југославија и во Унгарија и една од влијателните европски уметнички во последните децении.
Во рамки на „Астерфест“ годинава премиерно ќе бидеат прикажани македонските филмови „Лука“ и „Сонцето не грее на сите страни“, а ќе има проекција и на реставрираната верзија на долгометражниот игран филм „Планината на гневот“, во знак на петгодишнината од смртта на Љубиша Георгиевски и 55 години од продукцијата на филмот со Ристо Шишков во главната улога.
Осумнаесеттиот „Астерфест“ финансиски поддржан од Општина Струмица и од Агенцијата за филм.