Со читање на антологиската „Т’га за југ“ на македонски, албански, англиски и француски, синоќа во хотелот Дрим во Струга започнаа 59-те Струшки вечери на поезијата.
Во услови на пандемија, со максимално почитување на протоколите, најстариот поетски фестивал во светот ја продолжи традицијата, преку видоизменето или хибридно издание. Оваа година на фестивалот учествуваат 20 странски поети со видео читања и 20-тина домашни поети. „ Т`га за југ“ создадена во само-изолација станува препознатлив белег на Фестивал што во светски рамки ја остварува идејата за соборност и заедништво преку поезијата.
И во времето на Студената војна и блоковската поделеност кога Струшките вечери беа место каде што и најлутите непријатели ги испраќаа поетите како емисари на мирот, и сега, во време на глобална пандемија кога поетите од странство принудно не се физички присутни, но се присутни со помош на современата технологија. Затоа сме ние тука, да го одржиме пламенот на Фестивалот и надежта дека следната година Струшките вечери ќе продолжат со својата вообичаена и препознатлива програма “ – рече Богомил Ѓузел патувајќи ја поетската порака до светот. Поздравувајќи ги присутните, директорот на фестивалот Тодорче Тасевски истакна: „На оваа изнудена дистанца ќе и се спротивставиме со моќта на поезијата, уште од самите почетоци, да нѐ собере околу едно заедничко средиште од кое Поетот со неговата дарба ги преобразува зборовите во орудија на Убавината . Но, ќе се спротивставиме и со моќта на современата технологија да ја совлада оддалеченоста и да ни ги приближи и поетите што вечерва се спречени да присуствуваат физички. Па сите заедно, да го почувствуваме одново восхитот пред моќта на Зборот да го исполни со смисла Просторот што се протега меѓу нас и најоддалечените соѕвездија“ – рече Тасевски.
Денешниот втор ден на СВП започна со претставувањето на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ – Јовица Ивановски за стихозбирката „Човек“. За него и неговата поетика говореше проф.д-р Соња Стојменска Елзесер, а стиховите на англиски јазик ги читаше неговиот препејувач Зоран Анчевски. Терминот за наградата „Браќа Миладиновци“ продолжи со претставувањето на петмината кандидати кои влегоа во најтесниот годинашен избор: Пајо Авировиќ за стихозбирката „На погрешната страна“, Андреј Ал-Асади за „Небесна геометрија“, Долорес Атанасова- Лори „Небо во кафез, Ива Дамјановски „Двоумење“ и Јосип Коцев „Музеј на чувствата“.Добитникот на најпрестижното поетско признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала ќе биде соопштен утре, недела во 10 часот и 30 минути.
Традиционално, СВП во соработката со Агенцијата за иселеништво ја доделуваат и наградата „Стојан Христив“за најдобар поет од дијаспората. Годинашен добитник е Тања Кармзова Костиглоа од Франција за нејзината збирка „Дваесет и еден грам“. За наградата одлучуваше жири во состав: Христо Петрески (претседател), Митко Гогов и Драгана Евтимова – членови. Вечер во 20.30 е претставувањето на годинашниот добитник на „Златен венец“, израелскиот поет Амир Ор.
Во неможност да присуствува на фестивалот лауреатот и вечерва ќе има видео обраќање и поетско читање. Стиховите на македонски јазик ќе ги интерпретира Зоран Анчевски кој е автор и на препевот за ексклузивното издание на поезијата на Ор. Вечерта ќе биде заокружена со видео претставување на поети од европската поетска платформа Версополис, чиј член е и СВП, а потоа следи и поетски слем со петмина македонски поети.