Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се обрати на отворањето на „Конференцијата за развој на креативен туризам во Македонија“, која има цел да ги доближи сeкторот култура (поконкретно креативните индустрии) и секторот туризам.
Љутков во своето обраќање истакна дека културата и туризмот се едни од најважните платформи за соработка кои имаат силен потенцијал да апсорбираат нови перспективи во креирањето на заедничкиот културен простор.
„Нашата визија за македонската култура и туризам во наредниот период е ново и динамично движење на уметниците и на професионалците од културниот и од туристичкиот сектор, кои за крајна цел имаат креирање интерактивна и функционална понуда, која изобилува со широка атрактивност и препознатливост на нашиот туристички потенцијал и културната понуда воопшто“, рече министерот Љутков.
Тој информираше дека Владата на Северна Македонија во следниот период планира значителни инвестиции и капитални вложувања во областа на туризмот, културата, уметноста и културното наследство.
„Наша стратешка цел е културна политика која ќе го испровоцира посакуваното вкрстување на креативните перспективи на туризмот, културата и уметничкиот продукт со можностите за поинтензивно инвестирање на бизнис-секторот во оваа сфера. Започнуваме со нов пристап во кој културата и туризмот, во вистинска смисла на зборот, ги ставаме во функција на целокупниот општествен развој како корисни индустрии за социјална и економска благосостојба на државата“, рече тој.
„Со развојот на креативните индустрии во една поинаква стратешка рамка во интегрирано Министерство за култура и туризам, ќе овозможиме луѓето, оние што се занимаваат со култура, иднината да ја гледаат надвор од институциите. Можноста да се отворат приватни театри и слични установи е патот што треба да го следиме. Еден од важните аспекти е мапирање на конкретните културни вредности и во делот на фолклорот и туризмот бидејќи ние самите малку сме запознаени какви сè самостојни иницијативи постојат. Ќе ни бидат потребни повеќе вакви јавни дебати за да можеме да оформиме стратегија и посебни програми што ќе ги спојат двата сектора“, рече Љутков.
На првата панел-дискусија на денешната Конференција, која всушност е и најава за утрешниот почеток на фестивалот „Недела на дизајн во Скопје“ (Skopje Design Week), како панелисти зборуваа: Логин Кочишки од „Д Фестивал“ и „Таксират“; Владица Младеновски-Грга од МКЦ; Тодор Ивановски од „Локумфест“; Тошо Чочороски од КУД „Дримкол“, Општина Вевчани – Вевчански карневал; Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.