Љутков: Туризмот и културата се основа за модерна економска стратегија

од admin_kult

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска  присуствуваше на отворањето на 8. меѓународна конференција со наслов „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“.

Во своето обраќање, министерот Љутков посочи дека реализацијата на оваа конференција претставува вистинска платформа за нови размислувања и иницијативи, насочени кон глобалната динамика и можностите за поттикнување на економскиот раст.

„Во време на брзи промени и предизвици, потребата од вакви собири е поголема од кога и да е. Форумот отвора простор за длабинска анализа и конструктивна дебата за состојбите во туризмот, економијата, бизнисот, културата и културното наследство – сектори кои се не само двигатели на развојот, туку и чувари на нашиот идентитет и визија за иднината“, рече Љутков.

Тој посочи дека економијата денес не може да се посматра како изолирана категорија, туку како резултат на поширока палета фактори како туризмот, културата, претприемништвото и заштитата на културното наследство.

„Како економска гранка, туризмот има силен потенцијал да се трансформира во инструмент за локален економски подем, особено ако се поврзе со руралниот развој, културните содржини и дигиталната експанзија. Културата, пак, е столб на националниот идентитет, а културното наследство претставува жива платформа за едукација, туризам, технологија и меѓународна размена. Преку дигитализација, теренски истражувања, археолошки проекти и отворени музеи, Македонија може да изгради автентична приказна што ќе биде препознатлива на светската мапа на дестинации што мора да бидат посетени“, рече Љутков.

Македонија, како што рече министерот, има потенцијал, има историја и има иднина. Но таа иднина не се гради по инерција. Таа се проектира со визија, со знаење, со етичка храброст.

„Нам не ни е потребна копија од туѓи модели, туку мудра и кохерентна македонска верзија на развој. Време е да изградиме стратегија што не се темели на страв, туку на самодоверба. Убеден сум дека македонската Влада денес има непоколеблива намера, потенцијал и знаење, сево ова да го преточи во дело, за доброто на сите“, потенцираше Љутков.

Конференцијата, чија цел е согледување на динамиката и можностите за економски раст преку преглед на состојбите во туризмот, економијата, бизнисот, културата и културното наследство, ја отвори деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков. Инаку, настанот е во организација на  Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе