Одличните релации меѓу РС Македонија и Р Хрватска на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО, се отсликуваат и во традиционално добрата соработка во културата, се согласија министерот Зоран Љутков и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, на денешната билатерална средба во Загреб.
На средбата беше искажана благодарност за поддршката и подготвеноста на Република Хрватска за споделување на искуствата и позитивните практики од процесот на пристапување кон ЕУ. Министерката Обуљен Коржинек истакна дека Хрватска останува гласна во поддршката на евроинтеграцискиот пат на нашата земја, а министерот Љутков во тој контекст истакна дека и неодамнешната посета на премиерот Христијан Мицковски на оваа пријателска држава е дополнителен импулс за продлабочување на односите.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на хрватската колешка ѝ го образложи значењето на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и ја претстави новата директорка, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која има долгогодишно искуство во областа на културата. Тој подвлече дека Центарот има големи потенцијали за проширување на соработката во културата, но и за промоција на природните ресурси на нашата држава, како и можност за проширување на надлежностите во образованието и науката.
На средбата беа истакнити многубројни примери на соработка на институционално ниво во културата во сите области на уметноста, а министерката Обуљен Коржинек особено ги издвои успешните копродукциски филмски проекти меѓу двете држави, како и преводите на дела од реномирани македонски и хрватски автори на двата јазика. Таа изрази особено задоволство од присуството на македонски театарски творци во Хрватска кои бележат завиден успех.
Министрите ги споделија искуствата во однос на развојот на креативните индустрии, при што министерот Љутков искажа подготвеност за примена на добрите хрватски практики, посочувајќи дека овој сектор е во приоритетите на Министерството за култура и туризам и за него ќе бидат одделени зголемени буџетски средства.
Во конструктивна атмосфера, министрите Љутков и Обуљен Коржинек разговараа за идните чекори во однос на мултилатералните иницијативи, при што го поздравија повторното активирање на иницијативата КОМОКОСЕЕ – Совет на министри за култура, во чии рамки ќе се одржат состаноци на експертско и на министерско ниво. Беше разговарано за активностите, поточно за уредувањето и за наративот на музејската поставка при продолжувањето на проектот за отворање на поранешниот југословенски павилјон во „Аушвиц-Биркенау“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија,
Министерот Љутков упати покана до министерката Нина Обуљен Коржинек за возвратна посета на Македонија, за време на одржувањето на фестивалот на Регионалната унија на театри „Рута“ во Скопје.