Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, присуствуваше на почнувањето на работите за реконструкција на поранешниот Дом на културата „11 Октомври“ во населба Ченто.
„На задоволство на граѓаните, а како резултат на одличната соработка меѓу централната и локалната власт, во наредните 18 месеци, објектот кој со децении беше препуштен на забот на времето, за првпат ќе биде целосно реконструиран и саниран. За таа цел, од програмата на Владата за инфраструктурни проекти од областа на културата обезбедивме 84 милиони денари“, рече Љутков.
Реконструираниот Дом на културата ќе се простира на 1000 квадратни метри, ќе биде на три нивоа, ќе има галерија, фоаје, гардероби, сцени, гледалиште за 180 гледачи, помошни простории, лифт за лица со посебни потреби и ќе биде енергетски ефикасен.
Според Љутков, реконструкцијата на Домот на културата ќе биде значаен чекор за обновување на културната инфраструктура каде што во иднина ќе се реализираат театарски претстави, кинопроекции и други настани што ќе го збогатат културниот живот не само на жителите на Ченто, туку и на Општина Гази Баба.