Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во Чифте амам на отворањето на изложбата „Француските дела од колекцијата на Остен музејот“, рече дека Македонија е земја која својата меѓународна културна политика ја темели на отвореност и почитување на другите култури.
„Франција е наш докажан партнер и поддржувач, а со изложбата на која присуствуваме вечерва испишуваме нови страници во македонско-француското пријателство. Ова е навистина убава можност да дадеме свој придонес во остварувањето на нашата стратешка определба за унапредување и развој на дијалогот меѓу културите“, рече министерот Љутков.
Честитајќи го 50-годишниот јубилеј на Францускиот институт, Љутков ја истакна неговата важност и огромен придонес за реализација на многу настани како дел од програмите на институциите од областа на културата.
„Оваа дискретна, а влијателна институција уште пред 50 години ги постави нормите за европска соработка во културата и во образованието и изгради генерации млади луѓе кои ги споделуваат тие вредности и имаат важна улога во нашето општество. Огромен е придонесот на Францускиот институт и во соработката со институциите од културата кои во своите програми испишаа историја со настани поддржани токму од Францускиот институт“, рече Љутков.
Изложбата од француската колекција на „Остен“ е завршна манифестација од одбележувањето на 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје.