Љутков: Посветеноста кон културата е потврда на нашата визија за иднината на македонската култура и идентитет

од admin_kult

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска на прес-конференција, на која ги соопшти резултатите од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година,  истакна дека оваа година резултатите ја потврдуваат „нашата посветеност кон културата и ја нагласуваат нашата визија за иднината на македонската култура и идентитет“.

„Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари. Овој буџет, кој е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од минатата година, јасно ја покажува нашата определба за интензивирање на поддршката во културата и уметноста“, рече министерот Љутков.

Со правилно планирање на буџетските средства, како што рече министерот, а врз основа на сеопфатна анализа, видно зголемување на буџетските програми има во дејностите: драмска за 40 %; библиотечна, меѓународна и заштита на аудиовизуелните добра за 30 %; потоа во визуелни уметности, архитектура и дизајн, како и во издавачка дејност за 25 %.

Тој соопшти дека дека преку системот за електронско аплицирање пристигнале 2 888 пријави, од кои се поддржани 1365 проекти. Љутков информираше и дека од годинава, 18 национални установи ќе добијат делегиран буџет.

„Во однос на распределбата на средства, годинава ставивме акцент на финансиските потреби на националните установи. Од оваа година воведовме промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет, а тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници. Овие промени имаат цел да создадат услови за поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од страна на директорите, поголема автономија, но и поголема одговорност, а на овој начин ќе се истакне и нивната менаџерска способност“, рече Љутков.

Во однос на програмата за инвестиции, Љутков рече дека оваа година интензивно ќе продолжи да се работи на театарот и библиотеката во Тетово, НУ Турски театар во Скопје и „Стар театар“ во Струмица, а ќе продолжи и реконструкцијата на објектот на театарот при НУ Центар за култура во Куманово.

„Годинава ќе започнеме и со реконструкција на објектот на НУ Музеј на Македонија и реконструкција – санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола; санација на проодните тераси на објектот на Македонскиот народен театар во Скопје; санација на делови од објектот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и санација на покривот на стариот дел од објектот на НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а ќе бидат целосно завршени санацијата и градежните активности на просторот наменет за НУ Џез-оркестар – Скопје“, рече Љутков.  

Во тек е и реализацијата на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, кој е во постапка на промена на инвеститор, а по претходно одобрение од Владата, а тоа е, исто така, предвидено со оваа програма. Во тек е објавениот тендер за градежно-конструктивни елементи, односно за испитување на челичната конструкција.

Во делот на заштитата, годинава ќе се работи на Скопското кале и на Курбиново, кои годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани.

„Продолжуваме со забрзана динамика и на Плаошник, конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци 2025 – 2026 година, целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир, препокривање на црквата во Матејче. Завршување на капиталниот повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица, како и на капиталниот проект – манастирот „Трескавец“, поточно црквата „ Успение на Пресвета Богородица“, при што, со повеќегодишен план е планирано да се реализира целосна заштита. Продолжуваме со забрзана динамика и за реставрација на Аквадуктот. Во план е и целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеновски. Предвиден е и повеќегодишен план и финансиска динамика за театарот во Стоби и завршување на проектот Центар за посетители“, рече Љутков.

Во однос на годишната програма за драмската дејност, се очекува реализација на 57 премиери на националните театри, над 40 професионални и аматерски претстави во организација на театарски продукции, како и 20 театарски фестивали и манифестации. Поддржани се и јубилеите на Македонскиот народен театар од Скопје, кој годинава ќе прослави 80 години од основањето, и на Албанскиот и Турскиот театар од Скопје и на Прилепскиот театар, кои ќе одбележат 75 години од основањето.  Во однос на програмските содржини, пак, застапени се режисери од сите генерации, кои ќе реализираат премиери по текстови од врвни дела од светската драматургија, како и дела на значајни автори од домашното творештво.

Во најобемната област по број на пријави, литературата и издавачката дејност, застапени се понови жанрови, поддржани се оригинални дела од врвни македонски писатели и академици, монографии и академски стручни публикации, како и превод на литература од странски јазици, електронски публикации, е-книги и дигитални изданија, детска литература и публикации на истакнати автори и дела на дебитанти.

Со оглед на тоа што 2025 е година во која државата одбележува „80 години од кодификацијата на современиот македонски јазик“, министерот информираше дека за таа цел е формиран одбор кој ќе подготви соодветна годишна програма.

Во рамките на меѓународната дејност, во програмата за 2025 година поддршка добија проектите што ќе се реализираат во земјите кои се во фокусот на надворешната политика на Република Македонија. Станува збор за проекти што се во функција на промоција и афирмација на културното наследство и современото уметничко творештво на нашата држава во странство, учество на реномирани меѓународни манифестации и фестивали, проекти што се во функција на поврзување со дијаспората, а поддржани се многубројни проекти со чиј квалитет ќе се придонесе кон зголемување на видливоста на програмите на културно-информативните центри во странство.

Љутков најави дека од месец март, со програма и со свој простор ќе почне да функционира Културно-информативниот центар во Белград, Република Србија.

На крајот, посакувајќи успешна реализација на проектите од национален интерес во културата за 2025 година, министерот Љутков изрази уверување дека културата конечно ќе си го заземе своето заслужено место во нашето општество и ќе претставува платформа за креативност, иновативност и динамичност.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе