Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова денеска го посетија манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.

Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.

– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.