Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска на гробиштата „Мирогој“ во Загреб му оддаде почит на народниот трибун и борец за независна македонска држава, Панко Брашнаров.
Во сеќавање на народниот учител и учесник на двата Илиндена, министерот Љутков денеска се поклони и положи цвеќе гробот на еден од најистакнатите македонски национални дејци, посветен на политичкото и националното ослободување на Македонија и македонскиот народ.
Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Тој е учесник во најзначајните историски моменти во борбата на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските војни, Првата светска војна, па сè до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ.
Брашнаров е историска личност со особени заслуги во борбата за независна Македонија, што е од посебна важност за неговиот роден Велес. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на островот Голи Оток, Република Хрватска, каде што почина на 13 јули 1951 година.