Љутков на научна конференција: Ќе ги поддржиме иновациите во културниот сектор

од admin_kult

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на седмото издание на конференцијата „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културното наследство и економијата“, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Поздравувајќи ја организацијата на конференцијата, Љутков рече дека се дебатира за исклучително важна и актуелна  тема, која на едно место ги обединува нашите напори и стремежи за развој и унапредување на културната, туристичката и економската сфера.

Осврнувајќи се на културните и креативните индустрии, министерот Љутков нагласи дека со својата посебност и потенцијал, тие можат да бидат моќен двигател на економијата.

„Инвестирањето во оваа област ќе придонесе за поттикнување на економскиот развој, нови можности за вработување и за зголемување на глобалниот углед на нашата културна сцена. Креативниот сектор не само што произведува уникатни производи и услуги туку и го поттикнува растот на туризмот, угостителството и малопродажбата“, истакна пред присутните министерот за култура и туризам.

Препознавајќи го потенцијалот на културните и креативните индустрии, Љутков информираше дека Владата и Министерството за култура и туризам во наредниот период ќе се фокусираат, пред сѐ, на изработка на нова Национална стратегија за културни и креативни индустрии (ККИ), ќе се изврши мапирање на ККИ, а ќе се возобнови и Советот за ККИ.

„Воедно, преку поддршка на стартап-компании кај правните лица и на фриленсерите ќе се креираат нови иновативни програми за поддршка за создавање и развој на бизнисите во креативните и културните индустрии и во видеоигрите“, додаде министерот Љутков, нагласувајќи дека ќе се даде поддршка за создавање препознатливи македонски брендови, за обнова и развој на традиционалните занаети, за воведување  специјализирани географски ознаки со кои ќе се препознаваат македонските производи, а ќе се поддржуваат и еколошки одржливи проекти од областа на културата со користење традиционални знаења и вештини поврзани со природата и заштитата на животната средина.

Исто така, ќе се реализираат и низа работилници, саеми и кампањи за подигнување на свеста за придонесот на ККИ во економијата и општеството.

Повикувајќи на соработка меѓу сите засегнати, Љутков нагласи дека само така ќе можеме да создадеме синергија која ќе резултира со одржлив развој на нашата култура, туризам и економија.

„Во тој контекст, улогата на Министерството за култура и туризам е клучна во создавањето рамка која ќе овозможи ефикасно справување со предизвиците и ќе ги поддржи иновациите во културниот сектор“, рече Љутков, додавајќи дека со  поддршка на креативците, како и со овозможување поволни услови за развој на креативните индустрии, сите заедно ќе ја оствариме визијата за создавање богат и разновиден културен сектор и ќе изградиме културна средина која ќе биде конкурентна на глобалниот пазар.

На конференцијата се обратија и деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков; проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија на УГД; проф. д-р Наташа Митева, продеканка на ФТБЛ; м-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство и Анче Илиевска, в. д. директорка на НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе