Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, се обрати на „Форум Скопје – Секторски консултации“, настан во чиј фокус се креативните индустрии, начините за нивно стимулирање, вмрежување и унапредување како влијателен чинител за економскиот развој на секоја држава.
На јавната дискусија, на која учествуваа експерти за областа од Македонија и од Обединетото Кралство, а се одржа во „Јавна соба“, министерот Љутков потсети дека е ова активност која произлегува од неодамна потпишаниот Меморандум за разбирање со Британскиот совет.
„Од тие причини, верувам дека токму денешниов настан ќе биде одлична можност за размена на мислења, знаења и искуства за реализација на различни проекти кои ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во земјава. Сето тоа ќе отвори нови можности за културна размена и соработка, ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и за развој на локалната културна сцена, ќе им овозможи на уметниците и на дејците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти“, рече министерот Љутков.
Тој истакна дека креативните индустрии во последните години во глобални рамки се покажаа како исклучително продуктивна и профитабилна област и додаде дека во Министерството за култура и туризам е во тек формирањето на Совет за креативни индустрии составен од стручни лица, кои ќе изработат Национална стратегија за развој на креативните индустрии со Акциски план, а се преземаат подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии, по што ќе продолжат годишните конкурси за финансирање проекти од оваа областа.
„Соработката не само што продолжува туку нè чекаат уште многу настани. Министерството за култура и туризам е тука за да ве поддржи, отворени сме за нови идеи и решенија. Убеден сум дека со добра стратегија, пред нас претстојат многу успешни проекти, кои ќе бидат можеби пионери, но со потенцијал да остават белег во оваа многу значајна област, за која сум сигурен дека имаме потенцијал и ќе го искористиме“, истакна Љутков на настанот што се одржа во коорганизација на Британскиот совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ.
На Форумот, на кој се говореше за градење нов идентитет, преку: големи културни настани; зајакнување на комуникацијата во секторот; образование за креативни кариери; подобрување на условите за креативна продукција, се обратија и заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер, и Кирил Ѓозев од УМПАКИ.