Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Археолошкиот музеј, во присуство на претставници на дипломатскиот кор, академици, професори од областа на музеологијата, се обрати на промоцијата на, како што рече, едно посебно издание, каталогот со наслов „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“.
„Ова вредно двојазично издание со над 150 богато илустрирани страници нѐ води на едно несекојдневно патување низ вековите, откривајќи важни моменти од праисторијата до античката и средновековната историја и култура на овие простори. Во него се претставени 100 артефакти што се дел од богатиот фундус на Музејот, кои овозможуваат да се оствари непосредна комуникација и увид во структурата на Музејот, поточно во сите негови збирки, за денес да го воспримаме како нашиот „Лувр“, рече Љутков.

Тој додаде дека каталогот произлегува од стогодишното постоење на Музејот, кој со својата дејност и развиток од основањето во 1924 година па сѐ до денес несебично придонесува во истражувањето, заштитата, чувањето и презентирањето на нашето богато културно наследство.
„Низ изминативе 100 години, нашиот Археолошки музеј повеќепати ги менувал своето име, објекти и седишта, но секогаш, како високостручна установа, останал на единствениот пат кон унапредување на музејската дејност. Неговото богатство се неговите збирки, а ги има 18, со над 100 илјади археолошки предмети, најголемиот дел собрани со истражувачката активност во рамките на реализираните археолошки проекти на територијата на целата држава“, рече министерот Љутков.
Како што истакна министерот, каталогот претставува еден вид признание за посветеноста на музејските работници, но и за трудот на генерациите истражувачи, археолози и на сите оние што биле дел од оваа институција и вложиле труд во нејзиното создавање и развој.