Македонскиот народен театар, најстарата национална професионална театарска институција, на 31 јануари 2025 година ќе го одбележи својот 80- годишен јубилеј кој претставува круна на осум децении посветена работа во кои МНТ го градеше својот статус како темел на македонската култура и уметност.
Македонскиот народен театар, како чувар на културните и традиционалните вредности, преку репертоарската програма, низ годините ги чува и ги негува театарскиот јазик и идентитет. Од своето формирање, Театарот минува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и на публиката, на творците кои ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржување на репертоарот, како и гостувања во земјава и во странство. Со поставување дела од класична и од современа драматургија, но и преку постојано ангажирање на светски реномирани режисери, МНТ се позиционира на европската и на светската културна мапа.
МНТ низ годините се стреми кон ширење на театарската уметност преку анимација и едукација на публиката, особено на младите поттикнувајќи ги на активно размислување на темата култура и театар.
По повод јубилејот на МНТ, македонскиот уметник Зоран Кардула го создаде новото лого „80 години Македонски народен театар“.